Багерските единици СРс 630/1 и СРс 323 за ископ на јаглен во рудникот Суводол се повторно ставени во функција. Ископот продолжува согласно предвидениот план за производство на електрична енергија, како и потребите на електроенергетскиот систем на земјата, соопштија од АД ЕСМ.
– Двата багера за ископ на јаглен се ставени во функција само неколку денови по поплавите што го зафатија рудникот Суводол. Санирањето на состојбите продолжува со несмален интензитет и покрај тоа што исполнета е првичната цел – континуиран дотур на јаглен за Термоелектраната Битола. Испумпувањето на водата и калта што ја оставија зад себе поплавите, продолжува и во наредниот период, се до целосно оспособување и повторно ставање во функција и на најголемиот багер за ископ на јаглен – КУ 300, се наведува во соопштението.
Воедно, се додава дека надминување на последиците од елементарната непогода, од самиот почеток вклучено е комплетното раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола, како и сите вработени во рудникот Суводол и во комбинатот.
– Со натчовечки заложби, работа и дење и ноќе, санацијата на последиците од поплавите во рудникот Суводол засега се одвива со задоволителна динамика, наведуваат од АД ЕСМ.