По два дена расправа, Собранието денеска го донесе Буџетот за 2026 година. Поддршка дадоа 71 пратеник, 14 беа против, а воздржани немаше.

Буџетот за 2026 година тежи отприлика 6,7 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од планираниот БДП.

За пратениците од власта овој буџет обезбедува поддршка за бизнисот, ги штити пензионерите со зголемување на пензиите и носи силен инфраструктурен бран со изградба на патишта, училишта, градинки… – Тоа се реани проекти кои ќе им донесат подобар живот на граѓаните, рекоа пратениците од власта.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вчера во своето експозе пред пратениците рече дека проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.

– Буџетот е изготвен врз основа на постигнатите економски резултати и очекувањата за продолжување на позитивните трендови. Водевме сметка за реалноста во проекциите, економичноста и ефективноста во планирањето, со цел да обезбедиме стабилен развој, редовно функционирање на институциите и навремена исплата на сите обврски. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, рече Димитриеска-Кочоска.

Во тек на расправата за буџетот во матичната Комисија за финансирање и буџет од околу 200 амандмани беа прифатени шест. Со нив се обезбедуваат средства за: кадровско зајакнување на Оперативно-техничката агенција, реконструкција и проширување на натпатникот на патниот правец Штип–Чардаклија, отворање три психосоцијални центри за млади, опремување на службите за итна помош со комплети за прва помош и кислородни боци и реконструкција и внатрешно уредување на спортската сала во ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар.