По точно два месеца од парламентарните избори, што во Албанија се одржаа на 25 април, Централната изборна комисија денеска го објави конечниот список на пратеници за 12-те окрузи, односно изборни единици.
-Во новиот 140-член Законодавен дом Социјалистичката партија (ПС) освои 74 пратенички места, изборната коалиција предводена од Демократската партија (ПД) – 59, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) – четири и Социјалдемократската партија -три пратенички места, изјави Илирјан Челибаши, претседател на комисијата.
Доцнењето на резултатите е поради големиот број приговори, прво до комисијата, која прифати дел од нив, па беше спроведено пребројување во повеќе избирачки места, а потоа и до Управниот суд што ги достави опозицијата, која изборите ги оценува како „изборен масакр“.
Споредено со претходните парламентарни избори, во 2017 година, социјалистите на Еди Рама имаат освоено идентичен број пратенички места (74). Од првите парламентарни избори, 1992 година, по падот на тоталитаризмот, на изборите пред четири години првпат една партија, во случајот ПС, обезбеди мнозинство во парламентот и можност сама да формира Влада, што се случува и сега.
Поголема застапенот во парламентот на овие избори обезбеди изборната коалиција на Демократска партија на Љуљзим Баша, односно 59 наспроти 43 пратенички места, колку што имаше во претходниот состав.
Двајца пратеници повеќе има Социјалдемократската партија на Том Доши, која пред четири години имаше еден, а сега тројца пратеници.
За најголем губитник на сегашните избори се смета ЛСИ, на Моника Круемади, чиј лидер тогаш беше нејзиниот сопруг Илир Мета, актуелен шеф на државата. На тогашните избори партијата освои 19, а сега само четири пратенички места.
Во новиот состав на албанскиот Законодавен дом учество не обезбеди Партијата за единство и правда (партија на протераните Чами) на Шпетим Идризи, која во претходниот состав беше застапена со тројца пратеници.
Конституивната седница, според најавите, ќе се одржи на 9 септември.