Владата на вчерашната седница донесе две уредби со законска сила по предлог на Министерството за економија, а се однесуваат за работата на трговците и концесионерите на минерални суровини.
Министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција информира дека е донесена уредба за примена на Законот за трговија со која се поставува ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари… за време на траење на вонредната состојба.
-Сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот во внатрешноста на објектот за да се запази минимум потребното растојание меѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди дезинфекција за раце при влез во обејктот. Трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание од два метри, при чекање ред на лицата пред и во обејктот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на обејктот, појасни министерот Бектеши.
Доколу не се почитуваат овие одредби, најави тој, ќе следуваат глоби и тоа за малите и микро трговци предвидена е глоба од 500 до 1000 евра, додека за средните и големите трговци кои нема да ги почитуваат одредбите од оваа уредба со законска сила, предвидена е глоба од 1000 до 2000 евра.
Напомена дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши засилен инспекциски надзор.
Министерот Бектеши информира дека донесена е уредба со законска сила и за примена на Законот за минерални суровини, а е предложена со цел да им се излезе пресрет на концесионерите на минерални суровини да можат непречено да работат за време на вонредната состојба.
Со оваа уредба, потенцира Бектеши, роковите за постапките за концесии престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба. Целта е, подвлече тој, да се создадат услови за непречно продолжување на работата по завршувањето на вонредната состојба, без претходно концесионерите да имаат импликации по доделените концесии заради неможноста на исполнување на конкретни обврски од Законот за минерални суровини.
Министерот Бектеши напомена дека со оваа уредба не се предвидува одложувањето на наплатата на концескиот надоместок бидејќи истиот се плаќа по продадена експлоатирана количина на минерална суровина, а од друга страна обврската за наплата на концесискиот надоместок за користење на просторот истекува на 31 декември во тековната година што подразбира дека надоместокот за користење на просторот за оваа година истекува на 31 декември 2020 година и со тоа ќе се наплаќа до крајот на годината.
Министерството за економија, нагласи, во изминатиот месец откако е прогласена вонредната состојба поради Ковид – 19, внимателно ја следи состојбата и предлага во Владата уредби со зкаонска сила со цел затштита на здравјтео и безбедноста на граѓаните и олеснување на условите за работа на компаниите. (МИА)