По соопштението на Комисијата за заштита на конкуренцијата во кое се вели дека имало картелско здружување, попладнево се огласија од фармацевтската куќа Д-р Пановски.
Од таму велат дека АД „Д-р Пановски“ досега не примил пресуда од Управниот суд, ниту од други надлежни институции.
„Споменатата јавна набавка, во изминатите 8 години, веќе беше предмет на интерес на надлежните државни институции. Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“- Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка.
Земајќи предвид дека АД „Д-р Пановски“ е компанија со странски капитал и претставник на реномирани светски фармацевтски компании во Северна Македонија, застапува лекови за најтешко болните пациенти кои се лекуваат во јавното здравство, и имаме обврска да го заштитиме нашиот корпоративен углед.
Целосно е невозможно кој било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи дека за споменатата јавна набавка АД „Д-р Пановски“ понудил цени во висина која предходно ја определиле ресорните надлежни институции.
Согласно горе наведеното, нашиот правен тим се подготвува да ги искористи сите вонредни правни лекови пред домашните судови, но и да се обратиме пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за правно вознемирување. Во меѓувреме ќе се обратиме и до претставниците на меѓународниот фактор во земјава, кои ќе ги информираме за оваа нарушена правна сигурност и загрозено владеење на правото, што практично ги отежнува околностите за нашето деловно функционирање, а со цел да се заштитат правата, интегритетот и деловната репутација на компанијата.
Ја охрабруваме извршната и законодавната власт да ги превземат сите неопходни дејствија за вистински реформи во правосудниот систем. Крајно време е да се стави точка на самовластието во правосудството, кое се рефлектира и врз приватните компании кој веќе 30 години редовно го полнат буџетот на … Македонија“, велат од таму.