Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, чија смена неодамна беше објавена од владејачката партија на Украина, рече дека претседателот Володимир Зеленски побарал од него да остане на функцијата откако изби корупциски скандал во неговото министерство.
На прашањето дали очекува да ја извршува функцијата министер за одбрана во наредните месеци, Резников рече: „Да, тоа е одлука на претседателот“.
Позицијата на Резников, еден од меѓународно најпознатите украински функционери, беше доведена во прашање поради интензивните шпекулации, откако се испоставило дека Министерството за одбрана плаќало два до три пати поголема цена од пазарната за храна испратена на украинските војници на фронтот.
Еден од замениците на Резников минатиот месец поднесе оставка по обвинувањата, кои Министерството ги отфрли. Вчера беа разрешени уште двајца заменици, а Резников назначи тројца нови заменици во истиот ден, меѓу кои и генералот Олександр Пављук, кој накратко беше гувернер на Киевската област во првите денови од руската инвазија.