Скопјани последниве неколку денови мака мачат да набават некои основни продукти. Или брзо се трошат, или се носат во мали количини, па кој начека во моментот купува, за веќе после кусо време да нема за другите. Еден таков прехрамбен производ кој по рафтовите во продавниците го нема ниту за лек, се јајцата.
Со денови ги обиколуваме маркетите, но јајца не можеме никаде да најдаме. Ниту во поголемите, ниту во помалите продавнички, се жалат скопјани.
Живинарските фарми пак нагласуваат дека нивниот аларм дека намалувањето на цените на јајцата ќе резултира со намалување на понудата, се покажа точен.
Намалувањето на цената на јајцата за 10 отсто се одразува врз нашето работење. Не е можно како основа за пресметка на продажната цена да се земе летната цена, која секогаш е пониска од цените во есен и зима. Не се исплаќа производството, тоа се намалува, па логично е и да нема јајца по продавниците. До кога ќе потрае ваквата ситуација не знаеме. Може ќе биде и полошо, со оглед на тоа дека допрва ни доаѓа периодот на зголемена потрошувачка, поради периодот на слави и други прослави, тврдат производителите на јајца.