Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и британскиот премиер Кир Стармер, по нападот на Израел врз Иран, соопшти неговиот кабинет.

Телефонскиот разговор со Трамп ќе се одржи пред 18 часот по израелско време, изјави официјален претставник за „Тајмс оф Израел“.

Претходно во текот на денот, Нетанјаху разговараше со германскиот канцелар Фридрих Мерц и индискиот премиер Нарендра Моди.

„Лидерите покажаа разбирање за потребите на Израел да се одбрани од иранските закани за уништување. Премиерот рече дека ќе продолжи да биде во контакт со нив во наредните денови“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Израел започна напади врз Иран преку ноќ, велејќи дека целта биле нуклеарни објекти, фабрики за балистички ракети и воени команданти на почетокот на операција за која рече дека имала за цел да го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје.