По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои вчера попладне го зафатија Скопје на телефонскиот број 195 и преку бројот за итни повици 112 беа примени околу 180 пријави. Од нив, за поплавени простории од објекти – 80, за паднати дрва – 40, за оштетени возила и поплавени улици и подвозници – по 20, оштетени кровни конструкции – 15, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со струја – пет.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи – ЦУК, сите овие пријави и проблеми за нивно решавање редоследно по приоритет биле проследени до: Бригадата за противпожарна заштита БППЗ, Градот Скопје, општините и јавните претпријатија во Градот.
БППЗ на Град Скопје после невремето со нивни екипи интервенирале во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и критичните места.
– На скопските сообраќајници од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека вечерта и ноќта со цистерни и вакум цистерни работеа на исцрпување на насобраната вода и на одзатнување на атмосферската канализација на критичните места (подвозници и главни сообраќајници) и исто така по пријави на граѓани на уште 40-тина други места. Утрово состојбата е нормализирана, наведуваат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека од ЕВН известуваат дека дефектите во страна, дефектите во електро системот настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината во текот на ноќта се отстранети освен кон селата Дворце и Радуша во Општината Сарај каде жителите се уште се без електрична енергија.
– Според известувањето од Сообраќајната полиција како и ЈСП Скопје од околу полноќ состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово сообраќајот и јавниот градски превоз се одвивива нормално, посочуваат од ЦУК.
Се расчистуваат сливниците, паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите
Од ЈП Улици и патишта Скопје утрово информираат дека по невремето интервенирале со цела оператива и механизација на терен и притоа биле поделени на реони да делуваат на расчистување на улиците и тротоарите за нормализирање на сообраќајот.
-Паралелно екипите се координираа со ЈП Паркови и заленило и ЈП Водовод со кои интервенираа на расчистување на сливниците и паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите, соопштија од ЈП Улици и патишта Скопје.
Од механизација, како што посочуваат, интервенирано е со три комбинирани машини скипа, три боб кет машини и три камиони.
– Од оператива беа ангажирани шест екипи на терен и дежурни работници за одржување на сообраќајната сигнализација санација на дефекти на семафори и вертикална сигнализација, вкупно 73 лица на терен. Интервенции со расчистување на сливниците и паднати дрва имаше на бул.„Партизански Одреди“, бул.„М.Т.Гологанов“, „Кочо Рацин“, „Филип Втори“, подвозник на бул.„Киро Глигоров“, бул.„Јане Сандански“,бул.„Гоце Делчев“ кај МТВ, кеј „Димитар Влахов“ и други, се наведува во соопштението од ЈП Улици и патишта Скопје.
Санацијата на дефекти на семафорите имало во сите општини каде што се јавило потреба.
-Настанатите последици на светлосната сигнализација се уште се санираат на терен и ќе продолжат во текот на целиот ден со цел воспоставување на нормално функционирање и безбедност во сообраќајот. Во текот на вечерните часови санирани се и оштетените плочи на плоштадот „Македонија” кај фонтаната. Екипите продолжуваат понатаму со активностите за нормализирање на светлосната сигнализација на градските крстосници, се дополнува во соопштението.
Видео може да отворите ТУКА.