По Нигер, воен пуч и во Габон, уште една француска „колонија“

/ 30.08.2023

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска го осуди тековниот обид за државен удар во Габон и ги повика сите инволвирани да „покажат воздржаност, да се вклучат во инклузивен и значаен дијалог и да обезбедат целосно почитување на владеењето на правото и човековите права“.

„Тој, исто така, ја повикува националната армија и безбедносните сили да го гарантираат физичкиот интегритет на претседателот на републиката и неговото семејство“, рече Стефан Дужарик, портпарол на ОН. Габонската хунта го назначи генералот Брис Олигуи Нгуема за преоден лидер, изјавија војниците на националната телевизија.

Претседателот на Габон, Али Бонго, зборувајќи од наводниот домашен притвор, побара од меѓународната заедница „да направи врева“ за да го поддржи него и неговото семејство во видеото споделено на интернет, откако воените офицери објавија дека ја презеле власта. Видеото е потврдено од BTP Advisors, ПР фирма која тесно соработувала со Бонго во неговата изборна кампања.

„Луѓето овде ме уапсија мене и моето семејство. Мојот син е некаде, мојата сопруга е на друго место… Моментално сум во резиденцијата и ништо не се случува. Не знам што се случува“, рекол Бонго на англиски јазик. „Сакам да испратам порака до сите пријатели што ги имаме ширум светот да им порачам да направат врева.“

Тој бил убаво облечен и не покажувал надворешни знаци на малтретирање. Воените офицери претходно објавија на националната телевизија дека вооружените сили ја презеле контролата и го ставиле Бонго во домашен притвор. Неговиот син Нуредин Бонго Валентин и другите биле исто така уапсени.

Доколку биде успешен, пучот во Габон ќе биде осми во Западна и Централна Африка од 2020 година и ќе стави крај на 56-годишното владеење на семејството Бонго. Соединетите Држави денеска изразија длабока загриженост за настаните во Габон.

„Ние сме длабоко загрижени поради тоа. Ќе продолжиме да ги поддржуваме луѓето од регионот, народот на Габон и нивните барања за демократско владеење“, изјави на брифинг портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби. „Внимателно ја следиме состојбата. ”

Воени офицери извршија пуч во западно-африканската држава Габон и тврдат дека го урнале од власт авторитарниот претседател Али Бонго. Ова се клучните факти за африканската држава богата со нафта, пренесува Дојче Веле.

Габон станува формално независен од Франција на 17 август 1960 година, а Леон М’Ба е избран за претседател следниот февруари. Три години подоцна тој е соборен со државен удар, пред да биде вратен на функцијата по воената интервенција од Франција.

М’Ба умира во 1967 година и го наследува неговиот заменик Алберт-Бернард Бонго.

Бонго создава еднопартиска држава, владеејќи со железна тупаница и профитира од експлоатацијата на нафтата.

Во 1973 година претседателот преминува во ислам, менувајќи го своето име во Омар Бонго.

Како единствен кандидат, тој е избран за претседател во 1973, 1979 и 1986 година.

По социјалните немири и бунтови во 1990 година, воведен е повеќепартиски систем, но Бонго сепак победува на изборите во 1993, 1998 и 2005 година.

По Бонго… Бонго

Бонго умира во јуни 2009 година и, по контроверзните избори во август, еден од неговите синови, Али Бонго, положува заклетва во октомври како нов претседател.

И покрај жалбите, уставниот суд ги одобрува изборните резултати, но избувнува смртоносно пост-изборно насилство. Опозицијата остро го критикува „авторитаризмот“ на Бонго.

Во 2010 година француските обвинители отвораат истрага за имот во Франција во сопственост на Бонго и други африкански шефови на држави.

Насилство повторно изби во 2014 година меѓу поддржувачите на опозицијата и безбедносните сили за време на забранетите демонстрации на кои се бараше оставка од Бонго.

Изборите во 2016 година минуваат во тензична домашна состојба.

Владата е соочена со повеќе кризи, штрајкови, буџетски проблеми и пад на цените на нафтата.

Главен ривал на Бонго е опозицискиот лидер Жан Пинг, долгогодишен дипломат кој претседавал со Комисијата на Африканската унија и бил на високи функции во Обединетите нации.

Откако изборната комисија го прогласува Бонго за победник, избувнуваат масовни насилни протести.

Во октомври 2018, за време на посета на Саудиска Арабија, Бонго доживува мозочен удар. Префрлен е на лекување во Мароко кое трае неколку месеци.

Обвиненија во Франција

На 7 јануари 2019, група војници вршат неуспешен пуч во обид да го искористат отсуството на Бонго.

Од март до јули 2022, француските обвинители поднесуваат обвиненија против девет деца на Омар Бонго за корупција и злоупотреба на јавни фондови поради имоти купени во Франција. Според нив, семејството Бонго во Франција има имоти во вредност од околу 85 милиони евра.

Во април 2023, габонскиот парламент гласа за измена на уставот со која се намалува мандатот на претседателот од 7 на 5 години.

Опозицијата ги критикува измените, особено укинувањето на вториот круг гласање, како обид да се забрза реизборот на Бонго.

Во средата на 30 август, воени офицери соопштија дека ја урнале владата со пуч, откако беше соопштено дека претседателот Али Бонг победил на изборите со 64,27 отсто од гласовите, пишува Дојче Веле.


Од истата категорија