Албанскиот премиер Еди Рама за првпат реагираше на одлуката на Уставниот суд, во врска со суспензијата на вицепремиерката Белинда Балуку, оценувајќи ја оваа ситуација како „невиден преседан во демократска земја“, најавувајќи „продолжување на битката“.

-Владата ќе ја продолжи оваа битка, зашто неодлучноста на Уставниот суд ја остава Албанија во опасност да остане единствената земја на планетата каде што, со овој преседан, дури и претседателот на Републиката може да биде суспендиран по барање на некој обвинител. Борбата за правда, за демократска правна држава и европска Албанија има само еден гарант, мене и ова владејачко мнозинство, рече Рама во петтата епизода од шестата сезона на поткастот „Фласим“ (зборуваме).

Додаде дека Уставниот суд „не нашол сила да спречи повторно да биде земена како заложник албанската влада“, преку она што го оцени како невидена и нечуена алатка во демократскиот свет, суспензијата на член на владата од страна на обвинител и судија, на прелиминарна седница, пред дури и да започне судењето.

-Неодлучноста на Уставниот суд ја прави Албанија, по втор пат за два месеца, единствен негативен случај. Уставниот суд се удави со лажицата од матната вода на она што Сервантес, во „Дон Кихот од Ла Манча“, го нарекува причини за неразумноста. Неодлучноста на Уставниот суд ја враќа суспензијата на министерката и покрај тоа што таа не е обвинета за корупција, дури ни од обвинителот кој ја побарал суспензијата, нагласува Рама.

Тој ја опиша оваа практика како „100% Made in Albania изум на новиот, сè уште незрел правосуден систем“, нагласувајќи дека прашањето не е поврзано со конкретниот случај, туку со непреговарачки принцип на демократијата, гаранцијата за независноста на извршната и законодавната власт од судската власт.

По одлуката на Специјалниот суд, против корупција и организиран криминал, за суспензија на вицепремиерката и министерка за инфраструктура, Белинда Балуку, од функцијата, премиерот Еди Рама ја сметаше оваа одлука за кршење на неговите уставни овластувања и поднесе жалба до Уставниот суд, тврдејќи дека „судот се вмешал во овластувањата на извршната власт, поточно, во правото на премиерот, да суспендира или разрешува членови на владата“.

Специјалниот суд на Балуку ѝ изрече две безбедносни мерки „суспензија од вршење на должност и функцијата“ и „забрана за напуштање на земјата“ по барање на Специјалното обвинителство, кое на 31 октомври минатата година, поднесе обвинение против Балуку, во рамки на истрага поврзана со тендерските постапки за тунелот Логара и дел од проектот за Големата обиколница во Тирана.  (МИА)