Косовскиот премиер, Албин Курти го свика попладнево Советот за безбедност на Косово, откако минатата ноќ беа регистрирани пукотници од огнено оружје во близина на патрола на КФОР, во регионот на Зубин Поток, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Владата на Косово се осудува инцидентот, кој, како што се наведува, е предизвикан од „нелегални структури и криминални групи“ кои, според Курти, се поддржуваат и поттикнуваат од властите во Белград и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Косовскиот Совет за безбедност порача дека државата располага со потребните капацитети и е подготвена да дејствува, но и натаму ги чека дејствијата на мировната мисија на НАТО, која најави дека ќе ги отстрани барикадите поставени од косовските Срби.
-Нелегални структури и криминални групи продолжуваат да вршат екстремистички акти против граѓаните на Републиката, државните институции, припадниците на полицијата на Косово, новинарите, припадниците на мисијата на ЕУЛЕКС и патролните единици на КФОР. Во овие 17 дена од поставувањето на барикадите има постојана комуникација со КФОР. Нагласено е (на седницата на косовскиот СБ) дека Косово има капацитети и е спремно да дејствува, но, како што е веќе познато, во очекување сме на дејствувањето на КФОР, се вели во соопштението.
Властите во Приштина нагласуваат дека „Владата и институциите на Република Косово не можат да водат дијалог со криминални банди“ и порачуваат дека „слободата на движење мора да се воспостави“.
Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.
Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистарски таблички.
По притисок од западните сојузници, пред сè на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистарски таблички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.