Кандидатите за градоначалник на општина Чаир од ВРЕДИ Изет Меџити и од НАИ предводена од ДУИ Бујар Османи, по неколку разменети реплики со остри тонови, денеска постигнаа согласност за соочување на некоја од телевизиите во рамки на предизборната кампања за Локалните избори закажани на 19 октомври.
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на НАИ, Бујар Османи, на денешната прес – конференција повторно упати повик за соочување до неговиот противкандидат Изет Меџити да учествува на јавна дебата. Според Османи, дебатата е најважната институција во една изборна кампања.
– Јас реков и вчера, пет дена ја менував агендата, ги откажував средбите во очекување на таа дебата, изјави Османи.
Тој додаде дека е подготвен за соочување со секого, во секое време и на секое место, нагласувајќи дека на 19 октомври ќе се случи вистинското соочување кога, според него, граѓаните ќе одлучат каква држава и каков Чаир сакаат.
Кандидатот на владејачката коалиција ВРЕДИ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, пак, му одговори дека е подготвен за дебата на која било национална телевизија.
– Да ја затвориме оваа дебата, нека биде маж и нека закаже термин, нека избере национална телевизија, и од денес му порачувам дека таму ќе ме најде, изјави Меџити.
Фото: Изет Меџити