По повод 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во 1902 година во Санкт Петербург, издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва ја објави драмата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот автор Јордан Плевнеш.
Преводот на руски јазик е на Олга Панкина, која во последниве три децении има објавено преводи од врвните имиња на македонската литература. Книгата е со предговор на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Љупчо Коцарев.
– Во чест на 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во издание на издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва излезе во превод на Олга Панкина, драмата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот литературен Херодот, Јордан Плевнеш, се наведува во предговорот.
Во книгата исто така е објавен опсежен поговор на академик Георги Старделов, под наслов „Дефиниција за Македонија“, во кого е направена една филозофско-поетичка трансферзала за значењето на Мисирков во балкански, европски и светски контекст.
Првите примероци од книгата утре пред јавноста ќе ги претстави претседателот на МАНУ Коцарев на научниот собир по повод јубилејот на „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург“ (МНЛД), каде учествуваат повеќе академици и научни работници од нашата држава.
Олга Панкина ќе jа презентира книгата во Русиjа во рамки на Театарскиот фестивал во Долгопрудни. Посебна промоција ќе биде одржана на 4 ноември 2022 година во Друштвото на писателите на Македонија.