Азербејџан објави дека бара „мирна реинтеграција“ на Нагорно-Карабах на нејзина територија и „нормализација“ на односите со Ерменија, откако етничките Ерменци во регионот се согласија на рускиот предлог за прекин на огнот.

„Азербејџан цели кон мирна реинтеграција на Ерменците од Карабах и го поддржува процесот на нормализација меѓу Ерменија и Азербејџан“, рече на прес-конференција Хикмет Хаџиев, советник на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Тој исто така рече дека Азербејџан, поради брзата капитулација на ерменските сепаратисти, смета дека е непотребна итната седница на Советот за безбедност на ОН за борбите во Нагорно-Карабах, што ја побара Франција. „Сметаме дека таква седница, доколку се одржи, би била неефикасна и штетна“, додаде тој.

Етничките Ерменци во отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах денеска се согласија со рускиот предлог за прекин на огнот, 24 часа откако Азербејџан започна офанзива за да ја врати контролата врз енклавата во која загинаа десетици, а стотици беа повредени.