Конклавата во Ватикан не успеа да избере нов папа по првиот круг гласање, а од оџакот на покривот на Систинската капела се виде црн чад, објави „Ватикан њуз“.
Црн чад излегува од оџакот на Систинската капела ако не се избере папа за време на гласањето на кардиналите, додека бел чад се појавува ако се избере нов поглавар на Римокатоличката црква.
Конклавата за избор на 267-миот поглавар на Римокатоличката црква започна порано денес, на која учествуваа 133 кардинали.
Претходните два конклава, во 2005 и 2013 година, траеја само по два дена. Папата Франциск беше избран на конклава во 2013 година по дводневно гласање, а почина на 21 април на 89-годишна возраст и беше погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре.
Црниот чад не е изненадување бидејќи папата не е избран во првиот круг со векови.
Гласањето ќе продолжи утре, со можност за најмногу четири круга гласање дневно, два наутро и два попладне, сè додека не се постигне консензус.
Првото гласање е закажано за почеток во 9:30 часот.
Десетици илјади верници и туристи се собраа на плоштадот „Свети Петар“, чекајќи ја веста за изборот на новиот поглавар на Католичката црква. Црниот чад вечерва укажува дека светот сепак ќе мора да чека на одлуката, односно на белиот чад што го сигнализира изборот на нов папа.
Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле и унгарскиот кардинал Петер Ердо се споменуваат меѓу фаворитите за избор на нов папа.