Во Истанбул, каде денеска нешто попладне беше регистриран силен земјотрес со јачина од 6,2 степени, се случија уште 127 последователни потреси, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, а министерот за здравство проф.д-р Кемал Мемишоглу објави дека во таа прилика се повредени 236 лица.

Бројните последователни потреси, од кои најсилниот беше со јачина од 5,9 степени, ги вознемирија граѓаните и туристите во Истанбул и околината.

Во земјотресот нема загинати, а граѓани се повредени со скокање од височина поради страв и паника.

„173 лица се повредени во Истанбул, 24 во Текирдаг и Сакарија, двајца во Јалова и три во Бурса“, рече Мемишоглу. Јерликаја рече дека една зграда е урната во централната општина Фатих, а девет куќи се евакуирани, објави Хаберлер.

Службите за итни случаи примиле нешто повеќе од 10.000 повици, но тоа не е многу за „мегаград“, рече Јеликаја.

„Во Истанбул, кој има 16 милиони жители, поголем од 131 земја во светот, примени се само 10.084 повици од наши сограѓани. Повеќето од нив беа за информативни цели, некои граѓани се јавија загрижени за зградата во која живеат, а некои од повиците беа здравствени извештаи. Напуштена зграда се урна во Фатих, освен за тоа, благодарам на Бога. – истакна Јерликаја.

За граѓаните кои се плашат да се вратат во своите домови, отворени се училишни дворови, спортски сали и џамии, соопшти Кабинетот на гувернерот.

Турската Црвена полумесечина обезбедува поддршка со храна во зоните на собирање по земјотресот во Истанбул, а повеќе од 1.000 вработени и волонтери и 65 мобилни угостителски возила дежураат низ Истанбул и продолжуваат да делат супа, храна, топли и ладни пијалоци и вода на граѓаните кои се плашат да преноќат во своите домови.

„Планираме да го зголемиме бројот на нашите вработени и волонтери на три илјади“, рече Фатма Мерич Јилмаз, претседател на турската Црвена полумесечина.

Според информациите на веб-страницата на Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 12 часот и 49 минути, со епицентар во Мраморното Море, област Силиври во Истанбул.