Со цел да го зачуваме економскиот стандард на граѓаните, но и здравата животна средина како пратеници од владејачкото мнозинство, поднесовме амандман на Предлог на Законот за данок на додадена вредност со кој во членот 11 ставот 5 се брише, информира денеска пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ.

Со таквиот амандман се предлага стапката на ДДВ за пелети за домаќинства да остане на 5 отсто и да не се зголемува.

-Сметаме дека греењето на пелети има позитивно влијание во намалување на домаќинствата што се греат на огревно дрво, а со тоа и намалување на аерозагадувањето, заштита на животната средина и заштита на шумскиот фонд на државата.

Го слушаме гласот на граѓаните, продолжуваме да работиме во нивен интерес и да носиме мерки и решенија што го унапредуваат квалитетот на живот на секој поединец, рече Коциќ.

Здружението на потрошувачи „Солидарност“ бара парламентарното мнозинство да го прифати амандманот со кој се предвидува ДДВ-то за пелетите да остане 5 отсто во спротивно најавува дека ќе пристапи кон протести пред Министерството за финансии.

На забелешките на трговците со пелети во врска со ваквата одлука, вицепремиерот Фатмир Битиќи пред неколку дена објасни дека за домаќинствата може да има отстапувања од Владата во однос на мерката за враќање на даночната стапка за промет на увозот на пелети и печки и котли на пелети ако тоа во овој временски период значи голем удар за граѓаните.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе истоветен амандман.