Принцот Хари ќе се врати во Велика Британија за да се види со кралот Чарлс, откако монархот лично му кажал дека му бил дијагностициран рак, јавува Би-Би-Си.
Војводата од Сасекс разговарал со кралот за неодамнешната дијагноза на рак на кралот и ќе отпатува во Велика Британија за да го види во наредните денови, објави Би-Би-Си.
Бакингемската палата денеска објави дека британскиот монарх боледува од рак, но не кажа од каков вид.
Само беше нагласено дека не се работи за рак на простата, со оглед на тоа што Чарлс Трети последните денови се лекуваше од зголемена простата, откако беше откриена неговата бенигна состојба на 17 јануари.
На 26 јануари, кралот бил примен во лондонската клиника, истата болница во која Кејт Мидлтон се опоравувала од операција на абдоменот.
По три дена поминати во болница, каде што се опоравуваше од операцијата и неколку посети на кралицата, Чарлс ја напушти болницата.
Хари јавно се судри со своето семејство, особено по објавувањето на неговата биографска книга „Резерва“, минатата година.