ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ОД 7,1 СТЕПЕН: Јапонија за прв пат издаде предупредување за мега земјотрес

/ 08.08.2024

Јапонија денеска за прв пат издаде предупредување за зголемен ризик од „исклучително силен земјотрес“.

Надлежните ги повикаа жителите да бидат внимателни и нагласија дека предупредувањето не значи дека ќе се случи мегаземјотрес, туку дека веројатноста за еден таков е поголема од вообичаено, пишува Би-би-си.

Предупредувањето е издадено неколку часа откако островот Кјушу го погоди земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, по што не беа пријавени поголеми штети. Експертите препорачаа претпазливост бидејќи епицентарот беше на работ на коритото Нанкаи, област на сеизмичка активност што се протега долж јапонскиот брег на Тихиот Океан.

Претходните земјотреси во басенот Нанкај оставија илјадници мртви. Вакви мегаземјотреси го погодуваат регионот на секои 90 до 200 години, а последниот се случил во 1946 година. Експертите веруваат дека има 70% до 80% шанси земјотрес со јачина од 8 или 9 степени да ја погоди областа во следните 30 години.

Според најлошите проценки, во случај на таков земјотрес (и последователно цунами), може да загинат повеќе од 200.000 луѓе. Предупредувањето ќе важи една недела. Властите препорачаа жителите да бидат на готовност во следните неколку дена, да имаат доволно залихи, а оние кои не можат брзо да се евакуираат да размислат привремено да се преселат во друга област.


Од истата категорија