Вицепремиерот и шеф на владиниот кризен штаб за справување со коронавирусот, Бујар Османи, пред една недела во интервју за „Телма“ рече дека како политичар тој никогаш не би контрирал на ставовите од Комисијата, но тој лично смета дека ако сме научиле нешто од кризата досега, тоа е дека колективните мерки не можат да бидат подеднакво ефикасни како индивидуалните мерки.
Османи рече дека многу повеќе треба да се работи на свеста на граѓаните, индивидуално и преку објективните факти во точно и прецизно претставување на кредибилниот страв од вирусот и против ширењето на лажните вести кои се обидуваат да ја злоупотребат психологијата на луѓето.
„Треба да се допре до секој дом, тоа можат да го прават и политичките партии и на граѓаните да им се објасни дека лажните вести се исклучително опасни. Ако нешто погрешивме , тоа е дека дозволивме теориите на заговор и лажните вести многу да се прошират кај граѓаните“, изјави Османи во Топ Тема.
Но, наместо едукација на граѓаните и борба со лажни вести, за Османи, очигледно, приоритет е „табуто“ премиер Албанец, а не здравјето на граѓаните и решавањето на пандемијата. Патем, во ресорот што го води, СЕП, денеска беше објавено дека има двајца заразени. Ако таму не успева да спречи ширење на коронавирусот, што да очекуваме на ниво на држава?