Дик Чејни, поранешниот моќен американски потпретседател што инсистираше на инвазијата врз Ирак, почина на возраст од 84 години.
Чејни беше шеф на Пентагон за време на мандатот на Џорџ Буш постариот и потпретседател на Буш помладиот. На втората функција беше одговорен за реакцијата на САД на терористичкиот напад од 11 септември 2001 година – за следењето на граѓаните, притворањето и измачувањето на нелегално грабнатите осомничени терористи.
Поддржуваше мачење со вотербординг „ако тоа спаси нечиј живот“. За инвазијата во Ирак тврдеше дека американските војници ќе бидат пречекани како ослободители. Ги однесе во војна од која повеќе од 4.000 не се вратија.
По напуштањето на функциите водеше кампања против Трамп, за кого изјави „Тој се обиде да ги украде минатите избори, служејќи се со лаги и насилство за да остане на власт откако граѓаните го отфрлија“. Ги разгневи републиканците кога лани објави дека гласал за Камала Харис.
Срцето на Чејни издржа пет удари пред да биде заменето со друго од донатор. „Секое утро се будам со насмевка, благодарен што ќе поживеам уште еден ден“, изјави Чејни во 2013 година.
Почина Дик Чејни




