Познатиот албански писател Исмаил Кадаре почина денеска во болница во Тирана од срцев удар на 88-годишна возраст, јавија албанските медиуми.
Кадаре е роден во Ѓирокастро, на 28 јануари 1936 година. Бил академик, политичар, поранешен пратеник на Народното собрание (1970-’82), потпретседател на Демократскиот фронт и еден од најголемите современи писатели.
Пишуваше главно по проза, но неговиот придонес се прошири и на драматургијата, поезијата и преводите.
Започнал да пишува уште кога бил млад, прво поезија, со која станал познат, а потоа проза, станувајќи главен албански прозаист. Неговите дела се преведени на околу 45 различни јазици, со што е главен претставник на албанската литература ширум светот.
Тој е еден од најбрилијантните современи писатели, неколкупати номиниран за „Нобеловата“ награда за литература. Најпознато негово дело е “Генералот на мртвата војска”.
Во 1996 година Кадаре стана постојан член на Академијата за морални и политички науки во Франција. Тој е добитник на многу меѓународни награди, вклучувајќи ја и меѓународната награда “Ман Букер”во 2005 година, наградата за уметност Принцот од Астуриас во 2009 година и наградата Ерусалим во 2015 година. Во последните години, тој со сопругата Елена живееа на релација Франција- Албанија.
Во есента 1990 година, Исмаил Кадаре решил да ја напушти Албанија и да остане во Париз. Писателот во тоа време ваквото заминување го оправдувал со „недостигот на демократски промени“.