На 82-годишна возраст почина професорот на Филозофскиот факултет во Скопкје Кирил Темков, објави на социјалните мрежи Зоран Крстевски, негов ученик.
Професорот Темков ги предаваше предметите Етика, Естетика и Филозофија на менаџерството на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Роден во Кавадарци, 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал 1968 година, а докторирал во 1982 година во Скопје.
Не напушти нашиот професор и мој ментор д-р Кирил Темков. Професорот остави голема трага со својата просветителска дејност и со непоколебливата решеност за воведување на Етиката во основното и средно образование. Врвен филозоф и етичар со светски глас, тој е автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката итн. На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број светски универзитети. Ќе го помниме по својата професионална посветеност, непосредност, врвна ораторска умешност во пренесувањето на знаењето и менторската поддршка за создавање успешни и значајни научни дела. Мојата пријателска и научна соработка со професорот траеше повеќе од 25 години во кои имав чест да придобивам дел од неговото огромно знаење за филозофијата, етиката и другите научни области. Вечна слава на професорот и сигурно ќе го најде својот мир меѓу ангелите, објави проф. д-р Зоран Крстевски.




