Денеска на 21 јуни, најдолгиот ден во годината, односно летната долгодневница. Тоа е тн. летен солстициум. Некаде околу 4 часот изутрина официјално започна летото, објави Скопското астрономско друштво.

Од следниот ден денот ќе почне постепено да се скратува, а ноќта да се продолжува, објавува Астрономското друштво на својата страница на Фејсбук каде објавува и фотографија која го прикажува движењето на Сонцето во текот на годината, направена од Скопје.

Сонцето на своето патување по небесниот свод изгрева и заоѓа на различни места на хоризонтот. Во зима, во декември, заоѓа најјужно, додека за време на рамнодениците во март и септември изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Во јуни, кога почнува летото, сонцето заоѓа најсеверно – на северозапад.

На фотографијата, зајдисонцето е фотографирано од Скопје, кај Автокоманда, приближно на ист ден во месецот. Тешко е да се погоди ист ден со ведро време, но јасно се гледа поместувањето на точката на зајдисонце на западниот хоризонт, коментира Астономското друштво за фотографијата од авторката Александра Дамческа од Скопје.

Денеска е сабота, 21 јуни 2025 година, 172-иот ден во годината. До крајот на годината остануваат 193 дена.

Сонцето во Скопје изгреа во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути.

Денов трае 15 часа и 14 минути.

Месечината, која е во фаза на последна четвртина, ќе изгрее во 1 часот и 28 минути,  а ќе зајде во 15 часот и 53 минути.