Во Европската унија почна примената на дигиталниот ковид сертификат, чија цел е слободно и безбедно патување во рамките на Унијата за време на пандемијата на коронавирус.

Сертификати за вакцинација против Ковид-19, стекнат имунитет по претходно заболување или негативен тест веќе имаат издадено 21 членка на Унијата, како и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, а од денеска им се придружија уште пет земји на ЕУ, соопшти Европската комисија.

Ирска е единствената земја која не е подготвена за имплементација, поради неодамнешниот кибер напад врз здравствената служба и се очекува да започне со издавање на сертификати кон средината на јули.

Поздравувајќи го почетокот на примената на дигиталниот ковид сертификат, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека огромното мнозинство на земји-членки се веќе поврзани во системот и се подготвени да издадат и да ги потврдат сертификатите, и дека веќе се издадени над 200 милиони сертификати.

– Европската унија се грижи за своите граѓани. Дигиталниот сертификат на ЕУ за ковид е симбол на отворена и безбедна Европа која внимателно се отвора со ставање на заштита на здравјето на нејзините граѓани на прво место, рече Фон дер Лајен.

Сертификатот е бесплатен и достапен на сите официјални јазици на ЕУ, во дигитална и хартиена форма.

Според новите регулативи, земјите-членки не можат да воведат дополнителни ограничувања за патување, како што е карантин, на имателите на дигитален сертификат на ЕУ, освен ако тие не се неопходни и пропорционални за заштита на јавното здравје.

Членките на ЕУ мора да прифатат сертификати за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (Фајзер/Бионтек, Модерна, Астра Зенека и Џонсон и Џонсон) и можат да изберат да признаат и други вакцини.