Денес започна судскиот процес што го води обвинителството против поранешната пратеничка Силвана Бонева.
„Во овој судски процес со приложените 6967 докази и 28 сведоци, ќе докажам и пред судот и пред јавноста дека обвинението поднесено против мене е невистинито и паушално, исто како што беа и големите лаги дека сум била рекордер во земањето на патни трошоци, големата лага дека сум купила станови со криминални пари и медиумскиот линч што со години беше спроведуван врз мене, врз основа на тие лаги. Во мојот случај досега се направени повеќе прекршувања на законите, за кои со претставка се обратив до Народниот правобранител, кој врз основа на приложената документација, покрена постапка со цел заштита на моите права“, истакна Бонева на својот Фејсбук профил.
Таа додава дека исто така ги информирала и Делегацијата на ЕУ, Mисијата на ОБСЕ, повеќе амбасади и Коалицијата Сите за правично судење и побарала од нив да го следат судскиот процес.
„Досега добив одговор од Делегацијата на ЕУ, Mисијата на ОБСЕ и Коалицијата Сите за правично судење дека ќе го следат случајот од аспект на почитување на законите и правото на фер и правично судење.Борбата за правдата и вистината продолжува!“, вели Бонева.