На Одделот за физикална медицина и рехабилитација во Општата болница со проширена дејност во Кочани денеска почнаа градежните работи за реконструкција, со што ќе се обезбедат подобри услови за третман и лекување на повредените во пожарот во клубот „Пулс“.
Според најавите, реконструкцијата треба да заврши за неполн месец, а со градежните активности ќе бидат опфатени и одделенијата за хирургија, гинекологија и неврологија.
-Ќе се реновира нова просторија за ласертерапија, електротерапија и магнетна терапија. Исто така, ќе се набават нови апарати коишто ќе бидат мултифункционални со што ќе може да се обавува комплетната терапија на еден пациент. Ќе се направи подобар пристап, а ќе се реконструираат и тоалетите, истакна д-р Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница – Кочани.
Во одморалиштето на МВР на Поникава од средината на идната недела ќе биде згрижена првата група повредени пациенти, каде физикална терапија ќе добиваат 45 пациенти. Според направената евалуација, најголем дел од нив се во првата група.
-Предвидено е да се вклучи работна терапија и различни типови на вежби за зајакнување на целокупната мускулатура. Тоа не е само кај онаа што е погодена од изгореници, затоа што голем дел од пациентите поминале долго време во болница во иста позиција, па потребно им е да зајакнат комплетно додаде Мирчовска.
Повредените од пожарот кои се рехабилитираат во кочанската Општа болница како и во Клиничката болница во Штип се во добра здравствена состојба. Според најавите од здружението SupportKocani се очекува на 16 јуни да пристигне компресивна облека за повредените кои имаат изгореници по рацете, нозете, лицето, вратот и грбот.