Митко и Катерина Дрвошанови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал на синоќешниот маскенбал што се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица. Тие, вечерва во 18:30 часот, заедно со кралот и кралската свита ќе го предводат карневалското дефиле на Интернационалната карневалска вечер низ улиците на Струмица.

На маскенбалот учествуваа голем број гости од земјава и странство, а една од највпечатливите маски беше на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој заедно со неговата партнерка беа маскирани како Викинзи.

– Маските, изработени со посебен напор и љубов, носат уникатна убавина на вечерта, а маскенбалот ветува нова незаборавна карневалска авантура. Со секој детал, со секој изглед, се чувствува духот на традицијата, но и современата креативност која го прави нашиот карневал уште поспецифичен. Струмица, срце на карневалската традиција, продолжува да блеска со секоја нова година, објави струмичкиот градоначалник на неговиот фејсбук профил.

На поранешните изданија од карневалот, тогашниот градоначалник на Струмица, подоцна и лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев со сопругата Зорица се маскираа во самурај и гејша.

На вечерашното карневалско дефиле се очекува да учествуваат 35 групи во различни категории со учесници од земјава, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, а карневалската поворка се очекува да трае околу три часа. Маските ќе ги оценува жири комисија, која во различни категории ќе додели награди на најуспешните.

Карневалот продолжува утре, на Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.

Фото: Општина Струмица