Во шпанскиот Врховен суд во Мадрид денеска почнува најчувствителниот судски процес во последните неколку децении, во кој им се суди на вкупно 12 каталонски сепаратисти. Тие се соочуваат со разни обвиненија, вклучително и за бунт за време на неуспешниот обид за отцепување кон крајот на 2017 година.
Претседателот на Врховниот суд, Карлос Лесмес судењето на сепаратистите го оцени како најважен процес откако во Шпанија е воведена демократијата во 1977 година.
Каталонските сепаратисти пред почетокот на судскиот процес го обвинија шпанскиот Врховен суд дека е марионета на шпанската Влада и оти пресудата однапред е донесена и истата ќе биде политичка.
На судењето повикани се повеќе од 500 сведоци, меѓу кои и поранешниот шпански премиер Маријано Рахој, потоа претставници на шпанската Влада и покраинската администрација, како и претставници на полицијата и обични граѓани.
Процесот ќе биде пренесуван во живо на телевизија и на интернет.
Судењето почнува во време кога шпанскиот премиер Педро Санчез се обидува да го „протурка“ буџетот во Парламентот, за што неопходна му е поддршка од партиите на каталонските сепаратисти.
Шпанското државно обвинителство бара затворска казна од 25 години за поранешниот потпретседател на каталонската Влада, Ориол Жункерас, кој со другите обвинети во петокот беше донесен од притвор во Каталонија во Мадрид. Меѓу другуте обвинети се и осум поранешни министри на каталонската Влада – Раул Ромева, Жозе Карлес Мундо, Санти Вила и Мериџел Борас. Обвинети се и поранешната претседателка на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и двајца лидери на невладини организации Жорди Санчез и Жорди Куижарт.
Тие се обвинети за бунт против Шпанија, како и за злоупотреба на јавните фондови за организирање на референдумот, кој беше забранет од стрната на шпанскиот Уставен суд.Се очекува судењето да трае најмалку три месеци, а одлуката ќе биде донесена, исто така по неколку месеци.