Во овој драматичен момент, Грција е со вас, обединети одново ќе се кренеме, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас за време на малата и скромна церемонија во грчкото МНР, каде што во присуство на претседателот на Парламентот и алтернативниот шеф на дипломатијата и италијанскиот амбасадор во Грција, беше подигнато италијанското знаеме во знак на поддршка и солидарност од Грција за Италија во борбата со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
-Сакаме денеска да испратиме порака на оптимизам од Министерството за надворешни работи и Парламентот до нашите пријатели Италијанците, како што ќе направиме и за нашите шпански пријатели во следните денови. Во консултација со мојот италијански колега, Луиџи ди Маио, вложуваме максимални напори за практично да и помогнеме на Италија во оваа драматична ситуација за сите нас, рече Дендиас.
Амбасадорот на Италија во Грција, Ефизио Луиџи Марас, рече дека подигнувањето на знамето, меѓу другото е гест што ги изразува античките и неуништливи врски што ги обединуваат двата народи.
-Нема да го заборавиме овој важен симболичен гест на солидарноста со кој нашите знамиња се обединети. Гест што претставува израз на жалост за големиот број мртви, но и сочувство за трагедијата што ја живеат нивните роднини. Гест кој дава кураж на оние што се меѓу животот и смртта. И на сите оние кои се борат да ги спасат. На оние се жртвуваат за да продолжат да работат основните области во нашите држави, рече италијанскиот амбасадор.
Паралелно ги повика Грците, внимателно да ги следат „јасните, директни и рационални инструкции на нивната влада“.
Италијанското знаме беше поставено и на грчкиот Парламент, а во следните три дена, објектот ќе биде осветлен во боите на знамето на Италија.