Милијардерот Илон Маск се приклучил на телефонскиот разговор меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Разговорот се одвивал во средата и траел околу 25 минути, а Трамп истакнал дека ќе ја поддржи Украина, иако лидерите не го допреле прашањето за испраќање дополнителна помош за Киев од САД или планот на Трамп за примирје, пренесе Бизнис Инсајдер.
Илон Маск, според извори, исто така рекол дека ќе обезбеди помош за Украина преку неговите сателити Starlink.
„Старлинк“ е критичен за воените напори на Украина, но Маск претходно го исмејуваше Зеленски за барањето помош од САД, додека украинскиот лидер го отфрли планот на Маск за примирје со Русија во 2022 година.
Elon Musk reportedly joined Donald Trump’s call with Ukrainian president Zelenskyy – US election live https://t.co/eAOE3S1aw5
— Max Power (@max_power50) November 8, 2024
Се очекува Маск да има одредена позиција во администрацијата на Трамп, а Аксиос пренесува дека разговорот со украинскиот лидер покажува колкаво влијание ќе има сопственикот на Тесла во следните четири години.
Трамп претходно ги критикуваше пакетите со помош на САД за Киев, а за време на кампањата одби да каже дали сака Украина да победи во војната против Русија.
Извори за Аксиос изјавија дека за време на состанокот во Њујорк во септември, Зеленски и Трамп разговарале за дипломатски крај на војната.
Трамп тогаш, наводно, му рекол на Зеленски дека ја поддржува Украина, но дека сака „да ѝ даде шанса на дипломатијата“, а за време на кампањата тврдеше дека војната меѓу Украина и Русија „брзо“ ќе заврши доколку тој добие нов мандат.
Зеленски денеска во Будимпешта призна дека Трамп сака брзо да ја заврши војната, но нагласи дека за тоа не разговарале детално.
„Ако е само брзо, тоа значи загуби за Украина. Само уште не разбирам како би можело да биде поинаку. Можеби нешто не знаеме, не го гледаме“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека Украина сака „фер крај на војната“ што вклучува безбедносни гаранции.