Поддржувачите на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро ги пробиле безбедносните бариери поставени од вооружените сили, за да влезат во зградата на Конгресот, во Врховниот суд и во претседателската палата, во неделата, покажуваат снимките прикажани во бразилските медиуми, пренесува Си-Ен-Ен.
На една снимка се гледа огромна толпа луѓе како одат по рампата што води до зградата на Конгресот, каде што стигнале до Зелената соба, која се наоѓа пред долниот дом на Конгресот, изјави привремениот претседател на Сенатот Венециано Витал до Рого за Си-Ен-Ен Бразил.
До немирите дојде околу една недела по инаугурацијата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва, чие враќање на власт по 12-годишна пауза доаѓа откако тој го победи
Болсонаро во вториот круг од изборите на 30 октомври.
На сликите од други медиуми се гледа како приврзаницитe на Болсонаро влегуваат во Врховниот суд и во претседателската палата. Тие бараат воена интервенција и оставка на Да Силва, попознат како Лула. Лула во моментов е на службено патување во Сао Паоло.
Во својот инаугуративен говор, Лула вети дека ќе ја обнови земјата, која е во „страшни урнатини“. Тој ја осуди политиката на својот претходник, кој замина во САД бојкотирајќи ја инаугурацијата.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва ги опиша настаните што се случуваат во главниот град на земјата, Бразилија, како „варварски“ и ги нарече демонстрантите на Болсонаро кои упаднаа во владините згради „фашисти“.
„Овие луѓе се сè што е одвратно во политиката, тие како вандали упаѓаат во седиштето на владата, во седиштето на Конгресот и во седиштето на Врховниот суд, уништувајќи се што им се наоѓа на патот“, рече Лула. Тој забележа и дека е видлив „недостаток на безбедност“ и рече дека „сите лица кои учествувале во нападот ќе бидат пронајдени и казнети“.
Претседателот одржа прес-конференција во Араракуара, во државата Сао Паоло, каде ги посети областите оштетени од големите поплави.