Цените на бурките се зголемија десет пати во Кабул бидејќи жените брзале да се подготват додека талибанците влегувале во градот, пишува Си Ен Ен.
Една жена во изјава за Си Ен Ен, која не е именувана од безбедносни причини, рече дека таа, нејзината сестра и мајка делат една или две бурки, и дека во случај на влошување на ситуацијата ќе мора да набават постелнина или нешто слично, за да можат од неа да направат поголем шал.
Друга жена, која исто така не беше именувана, објасни дека многу жени дури и не стигнале до продавниците во неделата, бидејќи сопствениците поради ситуацијата брзале да стигнат до своите домови.
Таа, исто така, додаде дека поради неизвесноста, во неделата поминала неколку часа во банка, обидувајќи се да собере што е можно повеќе пари за да обезбеди опстанок на нејзиното семејство во наредните денови.
Беше толку неочекувано, никој не очекуваше дека ова ќе се случи толку брзо. Дури и луѓето би рекле „Кабул може да се брани околу една година“, но борбениот морал е изгубен. Војската само го предава на талибанците, истакна жената.