За прв пат по периодот на врвот на Студената војна Шведска ја повика целата Домашна гарда – 22.000 резервисти – на непредвидени вежби.
Воените вежби имаат за цел да ги зајакнат „одбранбените и оперативни можности на државата“. Мобилизирани се 40 баталјони на Домашната гарда во воени вежби без преседан, што не се случило од 1975, објави РТ. Со вежбите се одбележа и Национланиот ден на Шведска, 6 јуни.
„Нашата мисија е да ги зајакнеме одбранбените способности и да ги подобриме оперативните способности. Го тестираме синџирот за мобилизација на половина од организацијата, нешто што не сме го направиле од 1975 година“, соопшти врховниот командант Михаел Биден.
Главна задача на Домашната гарда е да исполнува секундарни воени обврски, како што се патроли и чување важни инфраструктурни објекти, додека регуларната армија е активирана во борба со непријателот на фронтовските линии.
Резервистите можеа да се видат на улиците низ земјата за време на државниот празник како чуваат витални објекти.
РТ како враќање на уште една реликвија од Студената војна наведува дека пред нецел месец во Шведска била одново издаена брошурата „Доколку има криза или војна“.Во изданието од 2018 година се даваат совети како да се дојде до засолниште, која храна да се складира, како да се дојде до резерви на вода и најважно – како да се разликува пропаганда од вистинска инфромација.