За локацијата прво било добиено одобрение за доградба на претходниот објект, но со стручно мислење за неиздржливост инвеститорот добил дозвола да го сруши, а потоа, како што тврдат од ОЈО Скопје, почнал да гради нов објект без ново одобрение за градење
Основно јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение за бесправно градење против фирмата инвеститор управителот кој гради објект во центарот на Скопје на улицата „Даме Груев“, кај поранешната Стоковна куќа „Беко“.
Според обвинителството, инвеститорот од 2018 година почнал со градење на сопствено земјиште, но без да има правосилно одобрение.
Станува збор за градење на две катастарски парцели, за кои обвинетиот во 2016 година добил одобрение за доградба и надградба на постојниот објект стоковна куќа „Беко“, но потоа со стручно мислење дека не се исполнети карактеристиките за носивост за доградбата, тој добил одобрение за рушење на постојниот објект, а потоа без да добие одобрение за градење почнал да гради нов.
„Обвинетиот во 2016 година добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект Стоковна куќа ‘Беко’-Скопје со ширина од 28,5 м и должина од 42,5 м. Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на местото започнал и градел нов објект со димензии од 61 м х 34,5 м. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од 2. категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа“,
велат од ОЈО Скопје.
Овој објект кај поранешно „Беко“ изминативе години неколкупати беше во фокусот на јавноста кога градежни инспектори го затвораа градилиштето, а инвеститорот упорно градеше. Инвеститорот, пак, обвинуваше дека станува збор за притисок и дека му се бара мито од општинските власти. Ова на неколку пати го истакнуваше Борис Стојменов, првиот министер за финасии во Владата на Љупчо Георгиевски.