Со настанот „Поезија ̶ Залез“ заврши 32-то издание на Поетска ноќ во Велестово. Иако во услови на пандемија и со скромен буџет, на ова издание на Поетската ноќ во Велестово, се претставија десетина поети, уметници и музичари од Македонија.

На првата традиционала вечер беше претставен портрет на поетот Зоран Анчевски. A беше отворена и изложба на скулптури од Димитар Филиповски, а настанот го отвори „Скопје гитар трио“.

Втората вечер на манифестацијата се одржа читање на шест современи македонски поети што за првпат беше одржано на една алтернативна локација, викана „Каменон“, избрана намерно за да се направи спој помеѓу поезијата и природните убавини на Галичица и Охридското Езеро. Читањето беше насловено „Поезија ̶ Залез“, на кое настапија: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

Дел од поетите ги споделија и своите впечатоци, па така, поетот Владимир Мартиновски, учесник на бројни интернационални поетски фестивали вели дека и во овие тешки времиња, „Поетска ноќ во Велестово приреди незаборавни мигови на полпат меѓу Охридското Езеро и бескрајот“.

-Првата вечер, посветена на поетскиот свет на Зоран Анчевски беше волшебна, а длабочината на неговите песни одекна во височините на Велестово. Втората вечер имавме среќа да го следиме зајдисонцето и заноќувањето од високо, од платото над Каменот, читајќи и слушајќи поезија… Со огромен мерак и јас учествував во поетската гозба, читајќи десетина песни од најновата книга, рече Мартиновски.

 

Младата поетеса Павлина Атанасова, пак, вели: „И без да се чита поезија, Велестово ја носи во себе. Поетската ноќ во Велестово е домаќин на веќе присутното. На залезот кај Каменон зракот што го чува езерото слегува меѓу зборот за кратко… Како што зракот го менува аголот кога влегува во водата, во Велестово зборот го менува својот допир. Станува потивок, а подлабок, како езерото во својата зеница.“

Манифестацијата беше помогната од Општина Охрид, Комерцијална банка А.Д. Скопје, Министерството за култура и пријателите на Поетска ноќ во Велестово.