Тренерот на ПСЖ Маурисио Покетино оцени дека неговите фудбалери одиграле синоќа добар натпревар во реваншот во Манчестер и покрај поразот од 2:0 со што францускиот првак остана без пласман во финалето во Лигата на шампиони (ЛШ).

– Игравме како што се договоривме. Почнавме добро, доминиравме, создававме шанси, а малку екипи можат да доминираат против Манчестер сити. Понекогаш треба да имате и малку среќа во одредени моменти., изјави Покетино.

– Од друга страна, тие постигнуваа голови, кога ние игравме висок пресинг. Му честитам на Манчестер сити на фантастичната сезона, а воедно горд сум на своите играчи. Секако дека е лошо што не можевме да сметаме на Килијан Мбапе, но тоа не може да ни биде алиби, додаде тренерот на францускиот првак.

Манчестер сити со двата гола на Ријад Марез (11 минута, 63) го совлада ПСЖ во реванш полуфиналниот натпревар и со вкупен резултат од 4:1за прв пат обезбеди пласман во финалето во ЛШ, во кое за противник ќе го има подобриот од вечерашната пресметка меѓу Челзи и Реал Мадрид.

Финалето ќе се игра на 29 мај на стадионот „Ататурк“ во Истанбул.