Босанско-херцеговската полиција во Требиње открила двајца Македонци В.Д. (74) и А.С. (60) кои се осомничени за повеќе измами, а последната ја направиле во Требиње на 30 април годинава.
Тие, како што пишува Независне новине, измамиле жител на Требиње за 10.000 марки (околу 5.100 евра), убедувајќи го дека ќе влезе со нив во заеднички бизнис.
– Полициските службеници ги идентификувале В.Д. и А.С. за кои е утврдено дека се работи за организирана криминална група која користела лажни идентификациски документи. Според собраните информации, наведените лица подолг период се занимавале со измами на подрачјето на земји од бивша Југославија, како и во земји од ЕУ, при што прибавиле противпарвна имотна корист во износ од повеќе десетици илјади (БиХ) КМ, соопштено е од Полициската управа во Требиње.
Интересно е дека еден од двајцата Македонци користел пасош на починат државјанин на Србија и со него повеќе пати ги минувал границите во регионот. Кај нив полицијата пронашла поголем износ на пари, сатови и накит, за кои се сомнева дека ги стекнале со измами кои ги вршеле.
Како што дознаваатмедиумите, двајцата Македонци, на жител на Требиње му се претставиле како претставници на телекомуникациска компанија и му понудиле да биде нивни застапник во овој град, за што му биле потребни 10.000 КМ. За да го договорат бизнисот, од оштетениот побарале да докаже дека ја има таа сума. Откако договорената сума пари ја приложил во плик, двајцата измамници ги замениле пликовите, при што го зеле тој со парите, а на измамениот му оставиле плик со хартиени марамчиња.
Двајцата осомничени Македонци полицијата ги предала на Окружниот јавен обвинител во Требиње, со извештај за сторените дела кои осомничени ги направиле со измама.