Интервентната полиција на Хонг Конг испука солзавец за да ги растера демонстрантите на годишнината од бруталното задушување на протестите во метрото.
Десетици активисти се собраа вечерва пред метро-станицата „Принц Едвард“ извикувајќи продемократски пароли и положувајќи цвеќиња.
Но, полицијата набрзо го прогласи собирот за нелегален, по што пристигна и интервентната полиција опремена со палки. солзавец и бибер спреј за да ја растера толпата и да обезбеди и претресе неколку лица.
Полицијата соопшти дека уапсила 12 лица, вклучувајќи 17-годишник кој рекол дека е „новинар“ и лице кое со себе имало реплика на огнено оружје. Девет лица се уапсени за нелегалниот собир.
Лани на 31 август полицијата влезе во метро-станицата „Принц Едвард“ и беше снимена како удира патници во вагонот, оставајќи ги раскрвавени. На новинарите и медицинскиот персонал тогаш им беше забранет пристап до станицата.
Барањето за истрага за полициските дејствија за време на овој протест беше меѓу главните барања на продемократските и активистите за човекови права, кои, исто така, бараат и амнестија за повеќе од 9000 приведени лица и слободни избори.
Властите во Пекинг и на Хонг Конг ги отфрлија барањата бидејќи протестите, велат тие, се заговор планиран во странство за дестабилизација на Кина.