Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен информира дека го расчистило инцидентот кој се случи синоќа во близина на кулите „Џевахир“ во Скопје. Возач од Турција направил хаос и со својот автомобил „БМВ 5“ удрил во неколку контејнери и паркирано возило „алфа ромео“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 22-годишниот М.А.А., кој имал привремен престој во Скопје, по несреќата избегал од местото, но полицијата брзо го пронашла и привела. Нема повредени како резултат на небезбедното управување на моторното возило.
МВР соопшти дека несреќата се случила синоќа околу 22 часот и 50 минути на сервисната улица Матеја Матевски. Полицијата веднаш реагирала и по преземени мерки го лоцирала возачот на неколку стотини метри од местото на ударот.




