Полицијата го убила напаѓачот кој во новогодишната ноќ во Њу Орлеанс со пикап камионет влета во толпа луѓе и уби 10 лица, а повреди над 35.
Според полицијата, тој се обидел да убие што е можно повеќе луѓе.
Напаѓачот имал голема желба да „предизвика масакр“ на позната улица Бурбон, изјави полициската службеничка Ен Киркпатрик, пренесува агенцијата Франс прес.
Киркпатрик рече дека нападот не бил спречен и покрај присуството на повеќе од 300 полицајци. Таа додава дека напаѓачот ги заобиколил полициските барикади.
Напаѓачот пукал и кон безбедносните сили, при што ранил двајца полицајци.
– Тој човек, сторителот, пукал во нашите полицајци од своето возило, кога излетал. Нивната состојба е стабилна – изјави Киркпатрик.
Федерален полицаец за Си-Ен-Ен изјавил дека осомничениот за нападот во Њу Орлеанс е мртов.
– Индициите се дека осомничениот делувал намерно – изјави тој.
Градоначалничката на Њу Орлеанс, Ла Тоја Кантрел инцидентот го нарече „терористички напад“. Но, ФБИ, кое ја презеде истрагата, соопшти дека не се работи за терористички напад. ФБИ додаде дека на местото на настанот е пронајдена импровизирана експлозивна направа.
Нема информации за идентитетот на напаѓачот. Моментно се истражува неговиот мотив за ужасното злосторство.
Американскиот претседател Џо Бајден е информиран за инцидентот, соопшти Белата куќа. Во соопштението се додава дека претседателот е во контакт со градоначалничката на Њу Орлеанс, за да понуди поддршка.
Нападот се случи на улицата Бурбон за време на новогодишната прослава, околу 3:15 часот по локално време. Таа улица е позната по бројните барови и клубови.
На социјалните мрежи се објавени видеа од улицата улицата на кои се гледаат тела облеани во крв.