По две трагедии и две масовни убиства во Србија, црногорската полиција ја подигна готовноста, изјави црногорскиот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ.
Тој посочи дека е засилена контролата за носењето оружје и издавањето дозволи. „Откако дознав за настаните во Србија, одржав конференција со директорот на Управата за полиција и целиот лидерски тим. Утринава целата полициска управа беше подигната на повисоко ниво на готовност и во овој контекст ќе ги следиме сите настани“, рече Аџиќ.
Како што рече Аџиќ, сите полициски единици ќе бидат на повисоко ниво на готовност кога станува збор за следење на лица кои би можеле да предизвикаат проблеми. Тој посочи дека се наредени ригорозни контроли при издавањето на дозволите за оружје, како и контрола на оние кои веќе поседуваат оружје и ги продолжуваат дозволите.
„Ќе ги засилиме сите активности пред почетокот на туристичката сезона, но и во текот на сезоната. Полицијата прави сѐ што е во нејзина надлежност“, рече Аџиќ. Премиерот Дритан Абазовиќ најави дека владата на Црна Гора во недела ќе прогласи Ден на жалост поради трагичните настани во Србија.
„Можно е да има два дена жалост. Денеска за ова сакав да ги известам моите колеги дека ќе го сториме тоа. На овој начин упатувам сочувство до семејствата на загинатите и повредените во овие неверојатно трагични настани кои се случија за краток период во Србија“, рече Абазовиќ.
Во Србија во рок од два дена се случија две масовни убиства, едното во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, а другото во Младеновац, при што загинаа 16 лица, а 21 се ранети.
Светските медиуми, известувајќи за настаните во Србија, истакнуваат дека масовните престрелки се исклучително ретки во таа земја, која има многу строги закони за оружје, но бројот на оружје во земјата е меѓу најголемите во Европа.
Се наведува и дека Западен Балкан бил преплавен со нелегално оружје по војните во 1990-тите и дека во 2019 година се проценува дека Србија имала 39,1 огнено оружје на 100 луѓе, што е трето место во светот, зад САД и Црна Гора.