На денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат, објави ТВ 21.
Според сведочењето на колешката Фазиле Халили од ТВ 21 таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена. Во тој момент еден од полицајците во униформа и пришол и и рекол дека не смее да прави видео запис. Со заканувачки тон и рекол веднаш да ја избрише снимката.
– Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш, рекол полицаецот, на што таа му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста.
Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено.
Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност.
Протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.
Инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и ЗНМ очекува полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за да во иднина не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.