Косовското обвинителство го потврди инцидентот што се случи денеска околу пладне во градот Гњилане, во источно Косово и информира дека станува збор за четирикратно убиство и самоубиство, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на обвинителството, трагичниот настан се случил во населбата „Бујанина“ во Гњилане, каде што припадничка на Полицијата на Косово убила четири члена на своето семејство, а потоа се самоубила.
– Според првичните информации, постојат сомнежи дека (…) В.Б., полициска службеничка во рамките на Полициската станица Гњилане, со огено оружје ги лиши од живот своите двајца родители и двата брата, а потоа изврши самоубиство. На местото на настанот веднаш излегоа полицијата, обвинител и лекарски тим, кои ја констатираа нивната смрт, а по налог на обвинител телата на загинатите се предадени за обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина, се вели во официјалното соопштение упатено до медиумите.
Засега нема никакви информации за мотивите за оваа трагедија.