Поради наводи за сторено кривично дело  фалсификување КОВИД-сертификати во казино во Дојран, полицијата од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Струмица – ОВР Гевгелија вчера извршила претреси на три локации и целокупната одземена документација ќе биде доставена до Основното јавно обвинителство Гевгелија за нивно постапување.

Министерството за внатрешни работи денеска информира дека претресите, по претходно добиена судска наредба од Основен суд Гевгелија, се извршени кај три правни лица, при што е одземена службена медицинска документација, која се однесува на извршени тестирања за присуство на КОВИД-19, направени претежно на лица од странство.

-Одземен е електронски дневни (книга) на издадени сертификати за периодот од 19 декември 2021 до денот на претресот, а исто така извршени се службени разговори со две лица. При претресот извршен е увид и преглед во компјутерската евиденција (списоци на грчки државјани кои се пријавиле за тестирање) на правното лице, како и во просториите на „импровизираниот“ медицински пункт во казино во Стар Дојран, соопшти МВР.

По насоки на јавен обвинител, посочува Министерството во соопштението, целокупната одземена документација ќе биде доставена до ОЈО Гевгелија за нивно постапување, а МВР ќе ги преземе сите мерки и активности за кои ќе добие насоки од надлежното обвинителство со цел расчистување на случајот.