Долго очекуваната Поликлиника Сарај се очекува конечно да им биде достапна на граѓаните до крајот на овој месец. Ова го соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити, кој вели дека истото е опремено со потребната медицинска опрема.
„Се надеваме дека ќе има што помалку пациенти за здравствени потреби, но што и да е, наскоро ќе биде реалност“, рече Меџити.
-Дали ќе се отвори ова лето?
„Не летово, туку до крајот на месец август, да биде појасно“.
Она што останува недовршено е прашањето за вработување. Иако е потребен кадар од околу 52 здравствени работници, Поликлиниката Сарај ќе почне со работа со недостиг од работници.
„Опремена е со сите потребни средства, со сета медицинска опрема, она што во моментов го чекаме е Министерството за финансии да ги одобри вработувањата. Таму потребни се 54 вработувања, но во моментов буџетот не може да го поддржи тоа, но се договоривме со министерот да има 26 вработувања.“, вели Меџити.
Поликлиника во Сарај од 1.600 м2 ќе опфати услуги како дневна амбуланта за семејна медицина, стоматологија, педијатрија, лабораторија, ренген соба и аптека. Истиот ќе биде дел од Здравствениот дом во Скопје и ќе опслужува речиси 45 илјади жители од овој регион на главниот град кои немаат никаква поликлиника во општината, додека најблиската е во општината „Ѓорче Петров“.