Со полна пареа се гради вториот гасовод, кој директно ќе ја поврзува Русија и Германија.
Најгласно се бунат оние кои ќе изгубат пари од транзитот- Украина и Полска – но пред сè Американците.
А што ќе се случи со „Северниот тек 2“, прашува „Дојче веле“ во својата најнова анализа
Една третина од цевките веќе се инсталирани низ Балтичкото Море. Кога работата ќе биде завршена, Русија ќе може да испорача двојно повеќе гас директно во Германија и во другите земји на ЕУ.
Но, отпорот кон гасоводот „Северен тек 2″ се засилува. Во почетокот само Полска и Украина се побунија. Полскиот министер за надворешни работи, Јацек Чапутович, го нарече проектот „убиј ја Украина”. Полска смета дека укинувањето на транзитот на гас преку Украина ќе исчезне и гаранциите за заштита на таа земја од понатамошната „руска агресија”.
Поради тоа, „Северниот тек 2″ за Варшава „е германска нелојалност кон источните соседи и создавањето специјални врски со Русија”, вели Кај-Олаф Ланг од Фондацијата за наука и политика на Берлин.
Оваа критика Берлин долго време ја игнорираше. Но, откако САД го зголемија притисокот, сè добива поинаква димензија. Американскиот претседател Доналд Трамп минатото лето изјави: „Германија целосно ќе зависи од руските енергетски ресурси, ако итно не го промени курсот”.
Американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, им се закани на компаниите, кои се вклучени во изградбата, со санкции, доколку продолжат да работат на проектот. Вашингтон очигледно ги губи нервите: „Времето за дејствување е сега”, изјави за Д.В. еден висок владин претставник. „Во оној момент кога гасоводот ќе биде завршен, Европа ќе го изгуби маневрираниот простор во однос на Русија”.
Американци го сакаат пазарот
Сојузната влада во Берлин ја гледа причината за овие протести ја гледа во деловните интереси. САД сакаат на Германија да и ѝ го продадат својот скап гас, како што тоа веќе го прават со Полска. Имено, во 2016 година, на полско-германската граница беше отворен еден терминал за прифаќање на американскиот течен гас.
„Американскиот гас добиен со фракинг едноставно не се исплати во однос на класичниот гас, кој се испорачува со гасоводи”, вели Фриц Едлингер, издавач на австриското списание „Интернационал” за меѓународна политика. Методот на фракинг подразбира инјектирање на хемикалии под висок притисок за да се ослободи гасот од карпа. Потоа, гасот мора да се доведе до течна состојба, да се транспортира со танкери преку Атлантикот, а потоа повторно да се врати во гасната состојба.
„Со оглед на тоа што не се исплати, имаме жесток политички притисок за да донесеме политички одлуки спротивни на економските интереси.Доналд Трамп е пример за парада, тој врши притисок со сите средства. Тоа е сценарио за економска војна против Германија и Русија “, вели Едлингер во едно интервју .
Германскиот министер за економија, Питер Алтмајер, не го исклучи увозот од САД, туку само како додаток на рускиот гас и тоа ако цената одговара. Берлин се спротивставува на притисокот. Ангела Меркел тоа уште еднаш јасно го кажа на неодамнешниот Светски трговски форум во Давос.
Шредер лобист
Гасоводот за Русија е стратешки проект. Земјата, добар дел, живее од извоз на природен гас. Кога го продава директно во Германија, тогаш пари не се трошат за транзитните такси преку Украина и Полска. Покрај тоа, овие транзитни земји нема да можат да го прекинат испораката на гас кога ќе посакаат.
Не е случајно што Владимир Путин го назначи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер за спроведување на проектот „Северен тек 2″ и покрај противењата. Ако критиките продолжат, Москва можеби би била подготвена за отстапки кон Украина, во секој случај само додека проектот не биде завршен. Потоа би можела од моќната позиција да ги заборави интересите на другите источноевропски земји.
На крајот, „Северниот тек 2″ не е прашање за Европската унија. Тука се судираат различни интереси, а Европската комисија веќе има тешка задача да најде решение за целата Унија.
Комесарот за енергија на ЕУ, Мигел Ариас Канети, во 2016 година изјави дека Северниот поток не е во интерес на целата ЕУ. Европската комисија се обидува, но не отворено, да ја спречи изградба на гасоводот, односно сака од него да создаде проект на ЕУ и да го подложи на строги правила на конкурентност.
За ваква одлука е потребна согласност од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Полска и балтичките земји, како противници на Северниот тек 2, на своја страна ја имаат Комисијата, но исто така и Велика Британија, Данска, Словачка, Ирска, Шведска, Италија, Луксембург и Хрватска.
Германија, Австрија и Холандија сакаат изградба на Северниот тек 2 да продолжи во сегашната форма. Компаниите од овие земји, исто така, учествуваат во изградбата.
Одлучувачка е позиција на Франција, а на нејзината одлука се уште се чека. Ако Париз гласа против или е воздржан, тогаш нема да има мнозинство. Но, Франција традиционално стои на страната на Германија. Покрај тоа, францускиот енергетски концерн Engie учествува во изградбата на Северниот поток 2. Затоа, може да се смета со поддршка од Париз.
Сега, за време на романското претседателство со ЕУ, се бара компромис. Но за тоа, остана малку време. Во мај има европски избори. После тоа, треба да се формира нова Европска комисија, а тоа може да чека до есен. За тоа време, изградбата на гасоводот продолжува. Исто така, доколку Брегзит се спроведе до крајот на март, ЕУ ќе го напушти најголемиот непријател на Северниот тек 2.
Блокадата на гасоводот има лоши изгледи за успех. Но, противниците одиграа етапна победа. „Варшава успеа, еден проект, кој долго време се сметаше за чисто економски, да го стави во политичка дебата”, вели Кај-Олаф Ланг од Фондацијата за наука и политика. Противењето на Северниот тек 2 го воведе гасоводот во геополитички дискусии – не само во Источна Европа, туку и во Германија.
Противниците потврдата ја гледаат во изјавата на Ангела Меркел минатиот април. По состанокот со украинскиот претседател Петро Порошенко во Берлин, канцеларката рече дека гасоводот “не е само економски туку и политички проект”.
Сепак, ова признание дојде многу доцна, вели Волфганг Ишингер, шеф на безбедносната конференција во Минхен. Во едно интервју, Ишингер ја критикуваше федералната влада, која малку се осврнувала кон источните Европејци. Ова е за Полска, балтичките земји и Украина само уште една потврда на нивните аргументи. Тие се надеваат дека Берлин ќе потклекне.