Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска и утре во Талин, Естонија ќе учествува на Форумот за дигитална безбедност на Западен Балкан, а ќе има и низа работни средби во делот на дигитална безбедност и дигиталната отпорност на општеството.

Како што соопштија од владината прес-служба, покрај вицепремиерката Грковска, во Талин ќе биде и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. На Форумот на кој ќе се разговара за сајбер безбедноста во регионот и за најдобрите европски практики во областа, ќе учествува и еврокомесатот за проширување Оливер Вархели, министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, како и повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија.

Во рамките на дводневната работна посета на Талин, Грковска ќе има средба и со Герт Ауварт, директор на Одделот за сајбер безбедност на Естонија, како и со Клен Јаартс, директор во естонската Влада за европски прашања.  Вицепремиерката Грковска ќе го посети и НАТО – центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, кој им дава интердисциплинарна поддршка на земјите членки на Алијансата, како и експертиза во делот на сајбер одбраната, тренинзи и вежби во областа на технологијата, стратегијата и законодавството, стои во соопштението.