Еврократите, поборниците за слободната трговија, сакаат да го избегнат протекционизмот, но се соочуваат со силни политички ветрови, пишува бриселски „Политико“, додавајќи дека Европа има три дена да одлучи колку ќе биде тешка глобалната борба за ограничување на извозот на вакцини.
Лути што ќе им пропаднат испораките на вакцини од англо-шведскиот фармацевтски гигант „АстраЗенека“, европските власти најавуваат можност за ограничен извоз на вакцини против коронавирусот произведени во ЕУ, додека Брисел ветува механизам „до крајот на неделава“, но прашањето е како тој механизам ќе функционира.
Експертите и европарламентарците предупредуваат дека секое ограничување може да доведе до трговска војна околу набавката на вакцините, а една од најголемите опасности е што синџирите за снабдување во неколку земји се толку многу испреплетени што влијанието на ограничувањето врз набавката на вакцините може да влијае врз производството.
Бернд Ланге, член на трговскиот комитет на Европскиот парламент, изјави дека не толку одамна вакцините беа јавно добро и дека борбата за нив сега навистина е почната. Тој предупредува дека секоја нова мерка може да го загрози меѓународниот кредибилитет на ЕУ.
-СЗО се залага за слободен проток на лековите против Ковид-19. Ќе биде многу чудно доколку сега се воведат мерки што ќе ги ограничуваат воспоставените принципи и увозот, рече тој.
Повикот за ограничување на извозот го турка Одделот за трговија на Европската комисија во незавидна позиција, бидејќи токму оваа институција се спротивставува на трговските ограничувања и протекционизмот како начин за решавање на економските шокови.
Комисијата, исто така, е свесна дека ваквите ограничувања можат да ги нарушат односите со сојузниците и соседите на ЕУ, кои се потпираат на вакцините произведени во Европа.
Како што Комисијата објаснува, оваа ограничувачка мерка требаше да создаде поголема одговорност кај фармацевтските компании кога и каде да доставуваат дози.
Додека претставниците на Брисел одговорни за слободната трговија се технички надлежни за мерките од оваа недела, две лица запознаени со одлуката велат дека нема гаранција дека тие ќе ја добијат битката за формирање на новиот механизам и ќе го ограничат на набудување на транспарентноста.
„Политиката станува сè поважна и Комисијата мора да се бори со сè побруталните реакции во јавноста зошто Европа заостанува толку многу зад многу земји во својата јавна кампања за вакцинирање. Официјални претставници на ЕК велат дека се повторува динамиката што лани ја принуди ЕУ да го ограничи извозот на маски и други заштитни мерки“, пишува Политико.